Сподели

Презбиопијата, позната како и старечка далекoвидост, е целосно нормален физиолошки процес кој настанува со стареење на окото. Со текот на годините доаѓа до слабеење на мускулот, односно m.cillaris, кој е заслужен за промена на обликот на очната леќа, зголемувајќи ја дебелината и густината на леќата, со што очната леќа станува помалку еластична, што доведува до сè потешко изострување на сликата на далечина, како и на близина. Според тоа, презбиопијата се истакнува како целосно нормална состојба поврзана со периодот во кој опаѓа акомодацијата и се манифестира во зависност од вообичаените потреби и обемот на читање и слични активности.

Се јавува како што е веќе напоменато, во периодот од 40-та до 45-та година од животот на човекот. Сепак, постојат и случаи каде презбиопијата се јавува и многу порано, кај лица чие работење бара прецизен вид на близина, каде симптомите исто така се јавуваат неочекувано и брзо. Невозможно е да се спречи презбиопијата бидејќи е тоа дел од нормалниот процес на стареење.

Првите симптоми на презбиопијата почнуваат да се појавуваат во раните четириесетти години од животот на човекот, со симптоми како што е отежнато фокусирање на слика при работење на близина, брзо заморување, чувство на напнатост во очите и некогаш и главоболка4. Оваа појава е посилно изразена при слабо осветлување, особено навечер, кога доаѓа до посилно проширување на зениците во окото. Во почетокот на пречките, истите може да се компензираат и со оддалечување на предметот од очите и со имплементирање на подобро осветлување. Приближно може да се каже дека потребната корекција близу 45-та година е +0,5 до +1 диоптер, на 50 години од +1,5 до +2 диоптри, а на секои две до три години од животот се зголемува за 0,5 диоптер.

Како се корегира презбиопијата?

Корекцијата на презбиопијата мора да биде индивидуална. Акомодацијата кај секое лице, но исто така и во секое око може да биде различна. Затоа е потребно да се препишат најслабите диоптерски леќи, со кои се постигнува добар и пријатен вид на близина. При правењето на прегледот, посебно треба да се внимава растојанието во кое обично човек чита или работи, бидејќи во некои професии постои остра и јасна визија од најголема важност.

Најчестата корекција е сеуште со диоптерски очила. Но, ако пациентот не сака постојано да ги става и да ги вади очилата, може да се изберат бифокални или мултифокални леќи.

Optometrija.mk – содржините се заштитени со авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. 

Оставите коментар: