Најчеста форма на тумор на окото е меланом, познат и како очен меланом. Меланомот е вид на тумор кој се развива во клетките одговорни за производство на пигмент на очите. Се јавува околу 50-тата година од животот. Иако е најчест тип на тумор на очите кај возрасните, очниот меланом е редок.
Кој дел од окото го погодува очниот меланом?
Меланомот на окото е познат и како увеален меланом, бидејќи обично се развива во делот од очното јаболко наречен увеа. Меланомите речиси секогаш се развиваат во делот на увеата, кој уште се нарекува и хориоид (choroidea). Хориоидот ја покрива целата внатрешна страна на склерата, а се состои од густа мрежа на крвни садови, но содржи и пигмент.
Додека повеќето очни меланоми се појавуваат во хориоидот, помал број се развиваат во шареница или ирисот (исто така дел од увеата), обоениот дел од окото што ја опкружува зеницата. Меланомите во ирисот обично растат бавно и генерално не се шират на други делови од телото.
Симптоми на окуларен меланом
Окуларниот меланом може да нема никакви симптоми или знаци. Но, кога ќе се појават, симптомите на окуларен меланом може да вклучуваат:
- сенки, блесоци на светлина или брановидни линии во видот,
- темна дамка на ирисот што се шири,
- промена на обликот на зеницата,
- слаб или заматен вид на едното око,
- губење на периферниот вид.
Важно е да се има на ум дека истите симптоми можат да бидат предизвикани од помалку сериозни заболувања на очите, така што тие не мора да бидат знак за тумор. Меѓутоа, доколку имате некој од горенаведените симптоми, препорачливо е што поскоро да посетите офталмолог.
Што доведува до предизвикувње на меланом на очите?
Меланомот на окото се јавува кога клетките кои произведуваат пигмент во очите се делат и се размножуваат премногу брзо. Оваа промена произведува грутка ткиво позната како тумор.
Не е јасно зошто тоа се случува, но следните фактори може да го зголемат ризикот од развој на меланом на очите:
- Невообичаени бенки – Ако имате бенки со неправилна форма или невообичаено обоени, имате поголем ризик од развој на тумор на кожата и меланом на окото.
- Посветла боја на очите – Ако имате сини, сиви или зелени очи, имате поголем ризик за развој на меланом на очите во споредба со луѓето кои имаат кафени очи.
- Бела или бледа кожа – меланомот на очите најмногу ги погодува луѓето со светол тен и почесто се јавува кај луѓе со посветла кожа.
- Употреба на солариуми – постојат некои докази кои сугерираат дека изложеноста на ултравиолетово (УВ) зрачење од солариумите може да го зголеми ризикот од меланом на очите.
- Штетно УВ зрачење – прекумерната изложеност на сончева светлина го зголемува ризикот од рак на кожата и исто така може да биде фактор на ризик за меланом на очите.
- Возраст – ризикот од развој на меланом на окото исто така се зголемува со возраста, при што повеќето случаи се дијагностицираат кај луѓе во нивните 50-ти години од животот.
Третмани за меланом на очите
Третманот на меланомот на окото зависи од големината и локацијата на туморот. Вашиот лекар детално ќе ја објасни секоја опција за третман, вклучувајќи ги и потенцијалните компликации. Третманот ќе се обиде да го зачува погоденото око колку што е можно повеќе.
Главните методи за лекување на меланом на очите се:
Брахитерапија – мали плочи обложени со радиоактивен материјал се ставаат во непосредна близина на туморот и се оставаат на место до една недела за да се уништат канцерогените клетки. Со користење на оваа метода, на туморот може да се примени поголема доза од радиотерапијата со надворешен зрак и се постигнува поголем одговор на терапијата.
Радиотерапија со надворешен зрак – машина се користи за внимателно насочување на зрак на зрачење кон туморот за уништување на канцерогените клетки.
Операција за отстранување на туморот или дел од окото – оваа операција може да се изврши ако туморот е мал и сè уште имате зачувана видна острина.
Енуклеација или отстранување на окото – може да биде неопходно ако туморот е голем или ако сте го изгубиле видот. Окото на крајот ќе биде заменето со вештачко око кое одговара на вашето друго око.
Хемотерапијата ретко се користи за меланом на окото, но може да биде соодветна за други видови на тумор на окото.
Optometrija.mk – содржините се заштитени со авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.