Сподели

Наглото губење на видот може да биде симптом на сериозна медицинска состојба. Во случај на ненадејно слепило, треба да побарате лекарска помош што е можно поскоро.

Ненадејно губење на видот – симптоми

Ненадејното губење на видот не мора да значи целосно слепило. Може да се појави на едното или на двете очи, а губењето на видот може да биде делумно или целосно.

Со потполно губење на видот, на едното око (или двете очи) видот е целосно изгубен. Со делумно губење на видот, еден дел од видот е сè уште возможен.

Ненадејно губење на видот може да вклучува и ненадејно губење на периферниот вид, нагло губење на централниот вид, па дури и ненадејно целосно  замаглување на видот. Ненадејната појава на црни дамки во видното поле, исто така, може да биде симптом на посериозна медицинска состојба.

Ненадејното слепило може да трае некое време, на пример, неколку секунди, минути или часови. Сепак, може да биде и трајно, особено ако не се лекува веднаш.

Што предизвикува нагло губење на видот?

Ненадејно губење на видот може да се појави од повеќе причини. Многу здравствени проблеми можат да бидат причина и потенцијална закана за видот во целост. Поради оваа причина, потребно е да побарате медицинска помош што е можно поскоро.

Оштетување на мрежницата на окото

Мрежницата е внатрешната обвивка на окото која содржи видни клетки. Секое оштетување на мрежницата, како што е одлепување на мрежницата или оклузија на главната артерија, е можна причина за ненадејно слепило.

Одлепувањето на мрежницата може да предизвика целосно губење на видот на засегнатото око или може да резултира во само делумно губење на видот.

Макулата или жолтата точка е централниот дел на мрежницата, односно местото на најјасниот вид. Кога се јавува оштетување на макулата, централниот вид се губи, додека периферниот вид останува непроменет.

Хеморагија во стаклестото тело

Одредени болести, како што е дијабетична ретинопатија, може да предизвика крварење во стаклестото тело што ја исполнова внатрешноста на очното јаболко. Акумулираната крв во стаклестото тело може да го блокира влегувањето на светлината во окото, предизвикувајќи ненадеен заматен вид или ненадејно појавување на голем број точки во окото.

Сериозни медицински состојби

Одредени медицински состојби можат да предизвикаат ненадејно слепило, како што е мозочен удар или тумор на мозок. Иако овие причини се многу ретки, важно е да побарате медицинска помош што е можно поскоро.

Третман

Ако почувствувате ненадејно слепило или ненадејно губење на видот, важно е веднаш да посетите офталмолог. Третманот ќе зависи од причината, но во повеќето случаи колку побрзо започнете со третманот, толку се поголеми шансите за успешен исход.

Optometrija.mk – содржините се заштитени со авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. 

Оставите коментар: