Дали знаевте дека покрај абнормалностите на очите, прегледот за видот може да помогне и во идентификување на други медицински состојби? Преку темелно испитување на очното дно, имаме увид во крвните садови и нервите.
Абнормалностите на очите честопати се првите знаци на болестите што влијаат на организмот. Наведеме неколку услови, кои можат да се видат на офталмолошки преглед.
Дијабетес
Ситните крвни садови во мрежницата што пропуштаат течност или крв, може да бидат знак на дијабетична ретинопатија. Во некои случаи, дијабетична ретинопатија се јавува пред лицето воопшто да дознае за дијабетесот.
Раното откривање на дијабетес може да им помогне на пациентите да избегнат понатамошни компликации или губење на видот.
Зголемен крвен притисок
Крварењето од крвните садови во задниот дел на окото може да сигнализира висок крвен притисок. Високиот крвен притисок е вообичаен фактор на ризик за појава или прогресија на глауком, дијабетична ретинопатија или макуларна дегенерација .
Вашиот офталмолог може да забележи знаци на висок крвен притисок за време на прегледот на очите кога ќе се направи проширување на зениците.
Покачен холестерол
Жолт или плав прстен околу рожницата може да биде знак на висок холестерол, особено кај луѓе под 40 години.
Депозитите во крвните садовите на мрежницата, исто така, укажуваат на зголемен холестерол. Ова може да биде предзнак на мозочен удар.
Тумор на мозокот
Тумор на мозокот може да предизвика покачен притисок во мозокот, при што може да премине на очите. Отекувањето во близина на задниот дел на окото предизвикува промени во очниот нерв. Офталмологот оваа состојба треба да ја види при извршување на прегледот.
Губење на периферниот вид, двоен вид или промена големината на зениците, сите се овие состојби се предзнак на тумор на мозокот.
Ревматоиден артритис
Очните знаци на ревматоиден артритис најчесто вклучуваат црвени очи со длабока силна болка. Овој симптом може да сигнализира склеритис, болно воспаление на склерата (белката) при што е потребно медицинска терапија. Сувото око е исто така поврзано со ревматоиден артритис.
Недостаток на витамин А
Сувите очи и ноќното слепило се знаци на недостаток на витамин А. Ако на вашето тело му недостасува витамин А, очите не можат да создадат доволно солзи за потполно да ги подмачкуваат очите. Ниското ниво на витамин А доведува до ноќно слепило, спречувајќи производство на одредени пигментни, клетки потребни за мрежницата да функционира правилно. Недостатокот на витамин А е водечка причина за слепило кај децата ширум светот.
Различни тумори
За време на темелно испитување на окото, можат да се откријат разни тумори. Ракот на кожата влијае на очните капаци и надворешните површини на окото. Леукемијата и лимфомот исто така можат да влијаат на внатрешниот сегмент на окото.
Важно е да се запамети дека горенаведените симптоми не значат дека сигурно имате одредена медицинска состојба. Ако офталмологот на прегледот забележи сомнителен симптом, ќе ве упати до специјалист за понатамошно испитување.
Ако имате фактори на ризик, како што се дијабетес, висок крвен притисок или одредени очни заболувања во семејството, не го одложувајте прегледот. Направете преглед на очите во што порана возраст и повторувајте го еднаш годишно.
Optometrija.mk – содржините се заштитени со авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.